Руските министри Лавров и Шојгу се откажаа од пратеничките мандати

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров и министерот за одбрана, Сергеј Шојгу.

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров и министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, се меѓу десетиците членови на владејачката партија Единствена Русија, кои нема да ги преземат мандатите што ги освоија за време на неодамнешните парламентарни избори.

Централната изборна комисија денеска (29 септември) соопшти дека ги распределила мандатите што ги освои владејачката партија, но 66 членови од партијата одбиле да заземат места во Државната дума.

Не е изненадување тоа што Лавров и Шојгу не ги презедоа мандатите, бидејќи тие беа ставени на партиската листа само за да ја зголемат популарноста на Единствена Русија.

Меѓу другите од владејачката партија што исто така се откажаа од мандатите се и неколку регионални гувернери и претставници на федерални окрузи.
Тројца кандидати од Комунистичката партија, градоначалникот на Новосибирск Анатолиј Локот, регионалниот гувернер на Орјол Андреј Кличков и заменик-претседателот на Московската регионална дума, Константин Черемисов, исто така, ги одбија мандатите што ги добија на изборите кои се одржаа од 17 до 19 септември.


Од 450 места во Државната дума, Единствена Русија освои 324, што и дава можност да носи закони самостојно.

Некои опозициски партии и активисти побараа да се поништат резултатите од изборите поради бројни прекршувања и нерегуларности во гласањето.