Москва со загриженост ја следи растечката тензија на Косово, „испровоцирана од неодговорните постапки на косовските власти“, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
„Денес е очигледно дека настаните се развиваат од лошо кон полошо“, рече Захарова во писмена изјава објавена на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи, пренесува агенцијата Бета.
Косовските Срби веќе деветти ден блокираат два гранични премини во северно Косово, Јариње и Брњак, поради одлуката за реципроцитет, но и поради одлуката табличките со градовите на Косово, издадени од Србија, да бидат одземени.
Според Захарова, Приштина го блокира сообраќајот меѓу северниот дел на Косово и Србија и „на терен се концентрирани полициски сили на (Косово), специјални единици, оклопни возила и тешко вооружување“.
Захарова оцени дека „постапките на приштинските стратези“ не биле критикувани ниту од Брисел, ниту од Вашингтон.
„Уште еднаш нагласуваме дека силите на НАТО за Косово и мисијата на Европската унија (ЕУ) ги имаат потребните мандати да спречат беззаконие и затоа сносат целосна одговорност за заштита на цивилите, обезбедувајќи мир и безбедност“, рече Захарова.
Портпаролката на руската дипломатија рече дека е време да се изврши „енергичен притисок врз администрацијата во Приштина, со цел да се повлечат полициските сили од северот на Косово и да се спречи ситуацијата да се претвори во отворен конфликт“.
Од почетокот на блокадата на граничните премини Јариње и Брњак, рускиот амбасадор во Белград, Александар Бокан Харченко, придружуван од српски претставници, ги посетува објектите на српската армија на самата граница меѓу Србија и Косово.
На 25 септември, претседателката на Косово, Вјоса Османи, ја повика меѓународната заедница да не ја игнорира, како што рече, тенденцијата на Русија и Србија да го дестабилизираат регионот и да наштетат на Европската унија и НАТО.