МВР на Косово: Србите одбија КФОР да ги замени специјалците

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља.

Градоначалниците во општините во северно Косово со мнозинство Срби ја отфрлија понудата на КФОР да го преземе надгледувањето на граничните премини Јариње и Брњак, наместо специјалната полициска единица на Косово.

Ова на денешна прес-конференција во Приштина го изјави министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља.

Во четири општини во северот на Косово: Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток - градоначалниците се од Српската листа - водечката партија на косовските Срби поддржана од официјален Белград.

Тие речиси секогаш се на барикадите со локалното население, кое веќе деветти ден ги блокира граничните премини Јариње и Брњак, барајќи да се повлече одлуката на косовските власти за српските регистарски таблички и да се повлечат специјалните полициски единици на Косово.

„Со оглед на тоа што КФОР понуди помош за нашата гранична полиција во форма на дополнителни сили на граничните премини, тогаш рековме дека Специјалните полициски единици не мора да присуствуваат на отстранувањето на барикадите“, изјави Свечља додавајќи:

„Меѓутоа, оваа понуда на командантот на КФОР беше одбиена од екстремистичките групи и со тоа докажаа дека не се загрижени, како што рекоа претходно, за присуството на специјалните сили, туку дека нивните цели се длабоко политички, со цел да му наштетат на суверенитетот на нашата земја “, рече Свечља по средбата со неговиот австриски колега Карл Нехамер.

Претходно во понеделникот на 27 септември, командантот на мировната мисија на КФОР во Косово, генерал -мајор Франко Федеричи, изјави дека мисијата на НАТО ги презела сите мерки за намалување на тензиите во северно Косово, за да се обезбеди мирна средина и слобода на движење за сите граѓани на Косово.

Во соопштението за медиумите Федеричи наведе дека КФОР ги засилил патролите по патиштата што водат до премините Јариње и Брњак.

Министерот Свечља ја поздрави помошта на мисијата КФОР и ЕУЛЕКС, истакнувајќи дека косовската полиција е способна да го спроведе законот.

„Таму (на северот) ситуацијата е мирна и имаме контрола. Со помош на сојузничките држави и со помош на сојузничките мисии, мирно ќе ја надминеме оваа ситуација", рече Свечља.