Израелскиот премиер во ОН: Иран е закана за светската безбедност

Израелскиот премиер во ОН, Нафтали Бенет

Новиот израелски премиер, Нафтали Бенет, денеска упати апел до Меѓународната заедница да се спротивстави на Иран, обвинувајќи го Техеран за унапредување на развојот на нуклеарно оружје и заканувајќи се дека неговата земја ќе преземе акција сама ако светот не го стори тоа.

Во својот прв говор на Генералното собрание на ОН, Бенет не го спомена деценискиот конфликт меѓу Израел и Палестинците, туку го означи Иран како закана за светската безбедност.

"Иранската нуклеарна програма достигна пресвртница, а исто така и нашата толеранција. Зборовите не ги запираат центрифугите", рече Бенет, кој го замени долгогодишниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху на изборите во јуни.

Бенет го претстави Израел како „светилник во турбулентното море“ на напнатиот Блиски Исток. Неговата порака, сепак, беше слична на онаа на Нетанјаху, бидејќи тој се фокусираше на најголемиот непријател на Израел, Иран.

„Големата цел на Иран е кристално јасна за секој што сака да ги отвори очите: Иран се обидува да доминира во регионот и се стреми да го стори тоа под нуклеарна заштита“, рече израелскиот лидер.

Тој меѓудругото го обвини Иран за вооружување, финансирање и обука на израелските непријатели низ целиот регион и додаде дека иранското мешање довело до катастрофи во Либан, Сирија и Јемен.

„Секое место што ќе го допре Иран пропаѓа“, рече израелскиот премиер, тврдејќи дека иранските активности му се закануваат на целиот свет, споменувајќи го развојот на беспилотни летала, за кои се тврди дека извршиле напади врз бродови во Персискиот Залив.

Иран ги негира ваквите обвинувања од Израел. Покрај тоа, израелските лидери тврдат дека договорот на големите сили со Иран од 2015 година не ја спречува таа земја да стане нуклеарна сила.