Седми ден протести во северно Косово, надлетуваат српски воени авиони, војската ја зголеми борбената готовност

Косовски специјалци на граничниот премин Јариње

Протестот на косовските Срби, незадоволни од распоредувањето на специјалните полициски сили на административните премини Јариње и Брњак и одлуката на Приштина да ги замени српските регистарски таблички, трае седми ден по ред. Ниту припадниците на специјалната полиција, ниту граѓаните собрани на протестот не се откажуваат од своите позиции.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ синоќа од Њујорк порача дека Белград е подготвен за дијалог, но очигледно дека Приштина не е. Таа апелираше до меѓународната заедница да инсистира Приштина да започне со спроведување на договорот од Брисел, а особено формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО).

Како што соопшти РТС два авиона од типот „орел“ и денеска прелетаа над Јариње правејќи два круга.

Половина час пред прелетот на авионите, областа каде се распоредени косовските полициски специјалци и граѓаните кои протестираат, ги прелета и хеликоптер на КФОР.

Министерот за одбрана, Небојша Стефановиќ и началникот на Генералштабот на српската армија, генерал Милан Мојсиловиќ, започнаа со обиколка на дел од силите кои се во состојба на зголемена борбена готовност поради настаните во Јариње, соопшти Министерството за одбрана.

Како што е наведено во соопштението, тактичките групи лоцирани во Гарнизонот во Рашка, воената база Рудница и во правец кон административниот премин Јариње, се во состојба на зголемена борбена готовност.

Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска телефонски разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по повод, како што изјави шефот на Алијансата, „загрижувачката состојба во северниот дел на Косово“.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред една недела по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.

Србија, која не ја признава својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.