Најмалку осум загинати во експлозија на автомобил бомба во Могадишу

Самоубиствен бомбашки напад во Могадишу

Најмалку осум луѓе, меѓу кои две деца, денеска загинаа во Могадишу во експлозија на автомобил бомба на контролен пункт во близина на претседателската палата, соопшти сомалиската полиција.

„Потврдено е дека осум луѓе, главно цивили, загинаа, а седуммина се ранети во експлозија на бомба во автомобил“, наведе полицијата.

Самоубиствениот напад се случил претпладнево на контролен пункт на еден километар од претседателската палата.

Очевидци рекоа дека возилото експлодирало додека му приоѓале стражарите на контролниот пункт.

Одговорноста за нападот ја презедоа џихадистите од организацијата Ал Шабаб, која се формираше во 2000 година по спојувањето на неколку сомалиски исламистички организации и Ал Каеда.