Студентите, наставниците, соработниците и ненаставниот кадар на Медицинскиот факултет во Белград, додека трае актуелната епидемиолошка состојба, ќе можат да влезат на факултетот само со ковид-пропусница.
Управата на Факултетот, повикувајќи се на одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести, усвои документот според кој услов за присуство на часовите и вршење на други активности на факултетот е „отсуство на знаци и симптоми на акутна респираторна инфекција и треска“, доказ за целосна имунизација, доказ за прележана болест ковид-19, серолошки докази за постоење на антитела или ПЦР тест не постар од 72 часови.
„Непочитувањето на наведените мерки повлекува одговорност пропишана со законот, подзаконските акти и општи и индивидуални акти на факултетот“, се наведува во документот усвоен на седница на наставно-научниот совет на Медицинскиот факултет во Белград.
Премиерката Ана Брнабиќ во Њујорк изјави дека темата за воведување на корона пропусниците во Србија сè уште е „на маса“ и рече дека нешто повеќе од 53 отсто од населението во Србија е вакцинирано.
„Темата за ковид пропусниците сè уште е на маса, за која, како што зборував овде во Њујорк, се користи за да се мотивираат младите да се вакцинираат. Ова не е мерка што ќе нè заштити од заразување, бидејќи може да се заразите и надвор, но тоа е мотивирачка мерка. Затоа апелирам, ве молам, верувам во граѓанска солидарност“, изјави Брнабиќ.