Фон дер Лајен во Скопје ќе разговара за спорот со Бугарија

Претседателкат на Европската комисија Урсула фон дел Лајен.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен следната недела во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија, потврди портпаролот на ЕК Ерик Мамер.

Мамер не даде повеќе детали, но рече дека прашањата ќе бидат одговорени на прес-конференциите кои ќе се одржат во регионот.

Бугарија од крајот на 2019 година го блокира почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и одржувањето на првата меѓувладина конференција.

Двете земји во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но претставници на двете земји периодов меѓусебно се обвинуваат за прекршување на спогодбата.

Фон дер Лајен од 28 до 30 септември ќе ги посети шесте земји од Западен Балкан, почнувајќи од Албанија и Северна Македонија.

Мамер, зборувајќи за македонско-бугарскиот спор, изјави дека Фон дер Лајен оди на Западен Балкан за да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот.

„Ова се партнери на ЕУ со кои имаме силни врски и посетата ќе биде прилика да се разговара за овие односи, вклучително и тоа билатерално прашање“, рече Мамер, јавува МИА.

Инаку, посетата на Фон дер Лајен ќе се случи една недела пред одржувањето на Самитот ЕУ - Западен Балкан кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија.