Загинаа петмина алпинисти во виулица на руската планина Елбрус

РУСИЈА - Членови на руското Министерство за вонредни состојби спроведоа спасувачка операција откако група алпинисти заглавија при искачување на планината Елбрус, во Република Кабардино-Балкарија. 23 септември 2021 година.

Пет алпинисти загинаа откако беа фатени во снежна бура додека биле на највисоката планина во Европа, руската планина Елбрус.

Четиринаесет други членови на групата беа спасени при силен ветер и ниска видливост во услови на температури од минус 20 Целзиусови степени, соопшти денеска Министерството за вонредни состојби.

Единаесет од преживеаните се пренесени во болница.

Инцидентот на 23 септември се случи кога 19-те алпинисти биле на надморска височина од над 5.000 метри.

Највисокиот врв на планината Елбрус во рускиот северен Кавказ, достигнува 5.642 метри.

Групата алпинисти дојде од 11 региони на Русија, објави Интерфакс.

Компанијата што го организираше искачувањето соопшти дека имало четири професионални водичи кои ја придружувале групата.

Еден од алпинистите не се чувствувал добро и се вратил назад со еден од водичите, додека остатокот од групата продолжил кон врвот, велат од компанијата.

Бурата ги зафатила алпинистите при нивното спуштање, а еден од нив скршил нога, што дополнително ја забавило групата.

Двајца алпинисти замрзнале до смрт, а двајца други изгубиле свест и починале додека биле симнувани од планината, според компанијата, која наведува дека водичите и некои од учесниците претрпеле смрзнатини.