Висок менаџер на рускиот производител на природен гас Новатек е уапсен во САД под обвинение за затајување данок поврзан со офшор банкарски сметки, на кои наводно се држат десетици милиони долари.
Одделот за правда на 23 септември соопшти дека Марк Гетвеј бил уапсен откако еден ден претходно бил обвинет од федералното големо жири во Флорида.
Новатек е најголемиот независен производител на природен гас во Русија. Гетвеј служеше како заштитно лице на компанијата за западните инвеститори, а на интернет страницата на компанијата е наведен како заменик-претседател на управниот одбор.
Гетвеј е обвинет дека ги измамил Соединетите држави со тоа што ја сокрил сопственоста на офшор средствата и не платил данок за милиони долари приход.
Како дел од неговиот компензациски пакет како главен финансиски директор на Новатек од 2003 до 2014 година, Гетвеј наводно добил опции за акции или друг вид на надомест базиран на акции.
Почнувајќи од 2005 година, Гетвеј наводно отворил сметки во швајцарски банки, кои во еден момент имале вкупна вредност над 93 милиони долари, соопшти американското Министерство за правда.
Новатек не одговори на барањето на Радио Слободна Европа за коментар. Гетвеј требаше да се појави на суд на 23 септември. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува децениска затворска казна.