Царовска – Приоритет е училиштата да останат безбедни и отворени што подолго

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, на средба со претставниците на учениците и средношколците, архивска фотографија

Сите заеднички продолжуваме будно да ја следиме состојбата со ковид во училиштата, која засега е стабилна и верувам дека со доследно почитување на мерките, училиштата ќе останат безбедни и што подолго отворени за учениците, рече денеска министерката за образование Мила Царовска. Таа денеска се сретна со директорите на основните и средните училишта во Битола.

Според последниот извештај на Комисијата за заразни болести, состојбата со ковид-19 во училиштата во државата е стабилна, се следи на дневно ниво и според проценките на Главниот координативен кризен штаб засега нема потреба од промена на моделот за начинот на одвивање на наставата бидејќи нема интерна трансмисија на вирусот во училиштата.
Со неколку исклучоци, настаната на 1 септември почна со физичко присуство.

Според последните податоци на Министерството за образование и наука добиени од училиштата, на дневна основа бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици, што е исклучително низок процент. Вакциниран е над 72 отсто од наставниот кадар, што е речиси двојно повеќе од националниот просек.