Косово бара од Србија намалување на тензиите на границата

Границата меѓу Косово и Србија

Границата меѓу Косово и Србија и денеска, трет пат по ред беше блокирана од етничките Срби што протестираа против одлуката на властите во Приштина да започнат со отстранување на српските регистарски таблички од автомобилите што влегуваат во земјата.

Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека неговата земја и Србија треба да почнат да си ги признаваат регистарските таблички за автомобили, за да се овозможи слободно движење на луѓе и стоки и да се намалат тензиите на границата. Курти ги повика Србите да ги тргнат возилата „затоа што самите се блокираат“.

Неколку стотици Срби ја поминаа ноќта во шатори и со камиони ги блокираа патиштата кон граничните премини Јариње и Брњак. Тие сега кампуваа во шатори покрај камионите паркирани среде патиштата што водат до границата.

„Нашата понуда е многу практична, да ги укинеме привремените таблички, во Србија и на Косово. Ниту нашата држава, ниту граѓаните, ниту косовските Срби, ниту Србија не се заинтересирани за инциденти и ескалација“, рече Курти, обвинувајќи го српскиот претседател Александар Вучиќ како „само еден поединец ... заинтересиран за тоа“.
Курти на владиниот состанок порача дека тие се за дијалог. Тензиите се зголемија на 20 септември кога специјалната полиција на Косово со оклопни возила беше испратена на границата за да го воведе истото правило за привремено заменување на српските регистарски таблички од автомобилите додека возат на Косово.

Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.

Косовските власти велат дека договорот од 2016 година постигнат во преговорите со посредство на Европската унија истекол и дека сега важат само соодветните косовски симболи.

Вучиќ, кој свика седница на советот за национална безбедност на 21 септември, ја опиша одлуката на Косово како „криминална акција“ и ја повика Приштина да ги повлече сите војници, „тогаш можеме да одиме во Брисел и да разговараме за се и евентуално да постигнеме договор“.

Вучиќ ја свика седницата за да разговара за мерките што Белград ќе ги преземе „доколку Косово не ја промени својата одлука“. Тој рече дека мерките првенствено ќе бидат економски.

ЕУ и САД ги повикаа Косово и Србија да се воздржат веднаш, без никакво одлагање, од еднострани дејствија.