Велика Британија: Собрани докази за уште едно лице во случајот „Скрипал“

Припадници на британската армија во куќата на Сергеј Скрипал во Солсбери. 4 февруари 2019 година.

Британската полиција потврди дека се одобрени обвиненија против трето лице во врска со истрагата за нападот со агенсот Новичок врз поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал, кој беше отруен во 2018 година.

Скотланд Јард денеска соопшти дека се собрани доволно докази против човек познат како Сергеј Федотов, кој го обвини за заговор за убиство, обид за убиство, поседување и употреба на хемиско оружје и нанесување тешки телесни повреди.

„Полицијата ги истражува доказите што покажуваат дека Сергеј Федотов е псевдоним за Денис Сергеев и дека тој е припадник на руската воена разузнавачка служба ГРУ“, се вели во соопштението на полицијата.

Скрипал и неговата ќерка Јулија беа отруени во март 2018 година со воен нервен агенс од тип развиен од Русија, кој е дел од групата нервни агенси познати како Новичок.

Двајцата, кои беа пронајдени без свест во британскиот град Салсбери, преживеаја речиси смртоносен напад.

„Нема да се обратиме кон Русија за екстрадиција на овие луѓе бидејќи рускиот устав не дозволува екстрадиција на нејзините граѓани. Русија јасно го кажа ова по барањата за екстрадиција во други случаи. Доколку оваа позиција се промени, тогаш ќе биде поднесено барање за екстрадиција“, се вели во соопштението на британската полиција.

„Меѓутоа, ние поднесовме Европски налог за апсење (ЕАВ), што значи дека ако некој од овие луѓе патува во земја во која важи ЕАВ, тие ќе бидат уапсени и ќе се соочат со екстрадиција под овие обвиненија“, се додава во соопштението.

Велика Британија за извршување на нападот веќе обвини двајца други офицери на ГРУ кои патуваа во Велика Британија под имињата Руслан Боширов и Александар Петров. Истражувачката веб-страницата „Белингкат“ подоцна го идентификуваше Боширов како Анатолиј Чепига, а Петров како Александар Мишкин, двајцата како офицери на ГРУ.

Службата на ГРУ постои со децении. Прво работеше паралелно со КГБ, а потоа, по распадот на Советскиот Сојуз, со наследничките агенции на КГБ: Федералната служба за безбедност и Странската разузнавачка служба.