Извештајот од германските експерти ќе биде доставен за 10-15 дена

илустрација, ден по пожарот во модуларната болница во Тетово

Извештајот од германските експерти за пожарот во Тетово, според информациите од МВР, ќе биде доставен во некој рок од 10 до 15 дена, а нашите извештаи јас очекувам многу брзо да бидат готови, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Времето, посочи Заев, е важно бидејќи граѓаните бараат одговор, но не би сакал никако да избрзуваме.

„Не само заради тоа што јас ги чекам одговорите за да дадам свој став по повод поднесените четири оставки, поважно е тоа што граѓаните бараат одговор, што всушност се случило, кои се причините или слично, така што јас лично ако прашате како премиер кога очекувам – очекувам до крајот на оваа недела да излезат извештаите. А, дали ќе биде така или не најверојатно за тоа ќе каже републичкиот обвинител и надлежниот обвинител,“ изјави Заев.

Прашан зошто се чекаат извештаите, кога оставките се понудени и граѓаните бараат одговорност, премиерот Заев рече дека го разбира гневот и болката која е голема кај сите, но дека не може едноставно да се разрешуваат министри, Влада, Парламент, па дури и цел народ заради оваа болка.

За тоа, како одеднаш верува во судството и чека што ќе покаже истрагата, кога пред една година и самиот барал помош од ДКСК за справување со судството, Заев рече дека помош и поддршка бараат од сите независни институции, како од извршната власт и институциите под извршната власт, така и на правосудството, судството и обвинителството, и на сите други институции.

„Не можам да кажам дека денеска Зоран Заев има целосна доверба во правосудството, но сум должен да ја делегирам довербата согласно нивната одговорност да носат одлуки, транспарентни, отворени, ефикасни и јасни за граѓаните“, рече Заев.