Парламентарни избори во Канада, се очекува мртва трка меѓу Трудо и О`Тул

Денеска во Канада се одржуваат предвремени избори, кои премиерот Џастин Трудо ги свика две години порано во обид да го врати мнозинството во парламентот. Но, либералниот лидер не може со сигурност да смета на трет мандат, бидејќи анкетите покажуваат дека тој има речиси иста поддршка со лидерот на конзервативците Ерин О'Тул.

Трудо ги распиша изборите во минатиот месец со надеж дека ќе профитира од неговото справување со пандемијата на коронавирус и непреченото вакцинирање. Но, кампањата не мина според планираното, затоа што опозициските партии добија поголема поддршка отколку што се очекуваше.

Анкетите покажуваат дека Трудо и О’Тул имаат по околу 31 насто поддршка, што значи дека дури и ако Трудо извојува победа, најверојатно повторно ќе биде во малцинска влада, оставајќи го и натаму зависен од други партии.