Макрон телефонски ќе разговара со Бајден

Претседателот на Франција Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон телефонски ќе разговара со американскиот претседател Џо Бајден во следниве неколку дена за дипломатската криза меѓу двата сојузници, рече денеска портпаролот на владата на Франција Габриел Атал, a пренесува агенцијата Ројтерс.

„Франција ќе бара разјаснување за откажувањето на нарачката на подморници од страна Австралија, а во корист на трилатералниот безбедносен договор со Соединетите Американски Држави и Британија“, рече Атал за телевизијата БМФ ТВ.

Париз итно ги отповика своите амбасадори од Соединетите Американски Држави и Австралија откако официјална Канбера склучи договор за набавка на нуклеарни подморници со САД и Британија со што заврши договорот со Франција за набавка на конвенционални подморници. Одлуката за договорот за нуклеарни подморници е дел од новото безбедносно партнерство за Индо-Пацификот од кое се дел САД, Австралија и Британија, а кое беше објавено на 15 септември.

Австралискиот премиер Скот Морисон денеска изјави дека го разбира разочарувањето на Франција, но дека Австралија имала длабоки и сериозни загрижувања оти поморската флота произведена во Франција не ги исполнува австралиските потреби.