ГЕРБ повторно на прво место на анкетите во Бугарија

Слави Трифонов, Бојко Борисов, Корнелија Нинова, Христо Иванов, Мустафа Кардаи и Маја Манолова, лидери на ИТН, ГЕРБ, БСП, ДБ,ДСП и „Стани! Доаѓаме“

Според анкетата на бугарската агенција Тренд, ГЕРБ се врати на првото место во довербата меѓу избирачите со сериозна предност пред конкурентите за второто место, а новата политичка формација околу претходните технички министри Кирил Петров и Асен Василев засега има поддршка од девет отсто од гласачите.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, анкетата за претстојните избори што во Бугарија, покажува дека прво место би била ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, со 24,4 отсто, втори ќе бидат „Има таков народ“ (ИТН) со 17,5 отсто, Бугарската социјалистичка партија (БСП) е трета со 16,6 отсто, Движењето за правда и слобода (ДПС) би имало 9,3 отсто, новата партија околу двајцата поранешни технички министри Кирил Петков и Асен Василев 9,1 отсто, а дури по нив е „Демократска Бугарија“ (ДБ) со 8,5 отсто.

Според истражувањето, под цензусот од четири отсто за влез во новото Национално собрание засега се „Стани! Доаѓаме “со 3,8 отсто, следена од проруската партија „Преродба“ со 2,9 отсто и на крајот е ВМРО на Красимир Каракачанов со 2,2 отсто. На изборите на 14 ноември, покажуваат резултатите од анкетата, сакаат да излезат 53 отсто од граѓаните на Бугарија.

Инаку во Бугарија годинава два пати се организираа предвремени парламентарни избори по кои не можеше да се формира политичка влада. Во земјата во моментов има техничка влада што ја формираше бугарскиот претседател Румен Радев по првите избори во април годинава, кога исто како и по овие во јули ниту една партија не успеа да формира влада. Ноемвриските избори ќе бидат трети кај источниот сосед.