Државен завод за ревизија реагира за пренесување на сопственост на стварите на општините

Илустрација

Државниот завод за ревизија денеска соопшти дека со носење на одлуки во делот на движните и недвижните ствари во сопственост на општините потребно е да обезбедат законитост на истите и владеење на правото.

„Имено, Државниот завод за ревизија со вршење на ревизии на единиците на локалната самоуправа, во континуитет констатира несоодветно постапување на Советите на општините носејќи одлуки за пренесување на сопственост на преносни компјутери и мобилни телефони (движни ствари) на членовите на Советот без надомест, притоа оштетувајќи го имотот на општината, за остварување на лични цели“, наведуваат од ревизија.

Според ревизија, таквото постапување не e во согласност со одредбите од Законот за располагање со ствари во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, со член 64 и 66 од Законот за локална самоуправа каде е утврдено дека Општината со сопственоста располага како добар домаќин и стварите во сопственост на општината може да се продаваат по пат на електронско јавно наддавање, со цел чување и соодветно користење на имотот на единиците на локалната самоуправа.

Од ревизија наведуваат и дека таквото постапување не е во согласност со член 54 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси согласно кој секое службено лице е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин и за однапред определените намени.

„Забрането е средствата да се користат за приватни цели или да се даваат на друг на користење. Во овој контекст Државниот завод за ревизија упатува на законито, етичко, одговорно и транспарентно работење од страна на сите службени лица“, се додава во соопштението.

Општина Центар предложи советниците на кои им завршува мандатот да си ги задржат службените лаптопи, но под притисок ја јавноста предлогот беше тргнат од дневен ред.