Во Русија денеска почнаа тридневните парламентарни избори, на кои се очекува да доминира владејачката Единствена Русија, поддржана од претседателот Владимир Путин, по ударот зададен врз критичарите на Кремљ.
Русите на Далечниот Исток го започнаа гласањето изутринава во огромната земја која опфаќа 11 временски зони, додека московјаните се уште спиеја.
На изборите што ќе траат до недела, ќе бидат избрани пратеници за 450 места во долниот дом на парламентот, односно Државната дума.
Покрај гласањето за Думата, се одржуваат и локални избори во десетици региони, вклучително и за регионално собрание и гувернерски избори.
Анкетите пред изборите на независниот центар Левада покажуваат дека мнозинството Руси не биле задоволни од тоа како функционира Думата. Анкетите покажуваат уште подлабок презир кон Единствена Русија, номинално независна партија, која всушност е тесно поврзана со насоките од Кремљ и моќната претседателска администрација.
Единствена Русија има супериорно мнозинство во парламентот, но нејзината популарност во моментов е најниска во речиси дведецениското постоење. Наспроти тоа, Путин, кој формално не е член на оваа партија, има рејтинг на одобрување од околу 60 проценти и нема вистински политички ривал.