Румен Радев ќе ја претстави новата техничка влада на Бугарија

Румен Радев

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска на специјална церемонија ќе ја претстави новата техничка влада, јави МИА од Софија. Актуелната техничка влада на Бугарија беше назначена од Радев на 12 мај, откако 45 -то народно собрание не успеа да избере редовна влада по парламентарните избори на 4 април.

За прв пат од падот на комунизмот во есента 1989 година и по воведувањето на повеќепартискиот систем во Бугарија, преодна влада ќе ја предаде власта на следната техничка влада.

Ова доаѓа откако 46-то национално собрание не успеа да избере редовна влада по изборите на 11 јули. За помалку од седум месеци, бугарските граѓани на 14 ноември ќе излезат на гласање за вторите предвремени и трети парламентарни избори оваа година, како и редовните претседателски избори.

Радев веќе изјави дека составот на новата преодна влада е јасен, а поранешниот привремен премиер Стефан Јанев најави дека ќе продолжи да биде премиер и во идната влада.

Претседателот Румен Радев е првиот претседател во поновата политичка историја на Бугарија што го започна и го заврши својот мандат со привремена влада.