Фон дер Лајен во посета на Западен Балкан од 28 до 30 септември

Урсула Фон Дер Лајен.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лaјен ќе го посети Западен Балкан од 28 до 30 септември, за да ја потврди посветеноста на европските институции за прием на земјите во Европската унија.

„Ќе отпатувам во регионот за да испратам силен сигнал за нашата посветеност кон процесот на пристапување“, изјави денеска Фон дер Лајен за време на нејзиниот годишен говор во Европскиот парламент.

Како што беше потврдено од седиштето на Европската комисија, Фон дер Лајен планира на 28 септември да ги посети Албанија и Северна Македонија, Косово и Црна Гора еден ден подоцна, а на 30 септември ќе престојува во Србија и Босна и Херцеговина.

Во годинешниот говор, претседателката Фон дер Лајен го спомена инвестицискиот план што оваа институција го усвои минатата есен за земјите од регионот.

„Инвестирањето во иднината на Западен Балкан е инвестирање во иднината на ЕУ“, изјави Фон дер Лајен за време на 60-минутниот говор пред европратениците.