Фон дер Лајен најави посета на Западен Балкан месецов

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен најави посета на Западен Балкан кон крајот на септември за да ја потврди посветеноста на европските институции за пристапување на овие земји во Европската унија (ЕУ).

„Ќе отпатувам во регионот за да испратам силен сигнал за нашата посветеност кон процесот на пристапување“, објави Фон дер Лејен денеска, за време на нејзиниот годишен говор во Европскиот парламент.

Според најавата, Фон дер Лејен ќе го посети регионот кон крајот на септември, а агендата на посетата ќе биде објавена подоцна.

Во годинешниот говор, претседателката фон дер Лејен го спомена инвестицискиот план што оваа институција го усвои за земјите од регионот минатата есен.

„Инвестирањето во иднината на Западен Балкан е инвестирање во иднината на ЕУ“, рече таа за време на 60-минутниот говор пред европратениците.

Таа меѓудругото додаде дека треба да се забрза вакцинацијата за да се избегне како што рече „пандемија на невакцинираните“.