Словенија од среда ги заострува анти-ковид мерките

Еден починат и 282 нови инфекции со коронавирусот се потврдени во Словенија во изминатите 24 часа, поради што земјата од среда воведува построги мерки.

Според агенцијата СТА, бројот на хоспитализирани пациенти продолжува да расте и денес тој достигна 312, од кои 74 се на интензивна нега.

Според проценките на Националниот институт за јавно здравје, во Словенија во моментов има 9.791 активни случаи на инфекција, што е блиску до нивото на врвот на третиот бран на епидемијата на почетокот на мај.

Четиринаесетдневната инциденца на инфекција на 100.000 жители се зголеми на 462 случаи, така што Словенија во наредните денови би можела да влезе во темно-црвената зона на епидемијата, според критериумите на Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ЕЦДЦ).

Со одлуката на словенечката влада, од среда станува задолжителна ДСП потврдата за сите вработени во јавниот сектор и корисниците на услуги, односно за прележани, вакцинирани и тестирани. Заштитните маски се задолжителни во затворените простории, како и на отворено доколку не е можно да се обезбеди потребното растојание.

Без сертификат за ДСП, нема да може да се влезе ниту во јавен превоз, од што се ослободени учениците од основните и средните училишта.

Исклучок од условите за ДСП важи и за помалите продавници со храна и основни потреби, додека за влез во големи продавници ќе биде потребен сертификат.

Во Словенија, според официјалните податоци, 44 проценти од вкупното население е целосно вакцинирано, односно 53 проценти од луѓето над 18 години и 66 проценти над 50 години.