Северна Кореја тестираше нова крстосувачка ракета со долг дострел

Северна Кореја: Академијата за националнa одбранбени науки спроведува тестови за крстосувачки ракети со долг дострел, како што е прикажано во оваа комбинација на фотографии без датум, доставени од Севернокорејската централна новинска агенција (КЦНА) на 13 септември 2021 година.

Северна Кореја тестираше нова крстосувачка ракета со долг домет, којашто може да стигне до Јапонија, објавија денеска медиумите.

Според тестирањата спроведени викендов, проектилите минале дури 1.500 километри, според државната агенција на Севрна Кореја КЦНА.

Тестот бил од „стратешко значење“ како мерка за одвраќање што ја гарантира безбедноста на Северна Кореја и „силно ги ограничува“ воените маневри на непријателските сили, објави КЦНА.

Ова е прва крстосувачка ракета со голем дострел во земјата која може да носи нуклеарна боева глава, вели за Би-Би-Си аналитичарката од Северна Кореја Анкит Панда.

Санкциите на Советот за безбедност на Обединетите нации и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети. Советот ги смета за поопасни од крстосувачките ракети, бидејќи можат да носат поголем и помоќен товар, имаат далеку поголем дострел и да летаат побрзо.

Главниот шеф на кабинетот на Јапонија, Кацунобу Като, изјави дека во „Јапонија има значителна загриженост“ и дека работи со САД и Јужна Кореја на наоѓање решение.

Реагираше и американската војска, велејќи дека тестот покажал дека Северна Кореја „континуирано се фокусира на развојот на својата воена програма и заканите што ги претставува за нејзините соседи и меѓународната заедница“. Во ракцијата се додава дека „останува челична“ посветеноста на САД за одбрана на сојузниците Јужна Кореја и Јапонија.

Високи претставници од три земји оваа недела треба да се состанат на разговори за процесот на денуклеаризација на Северна Кореја.

Јужнокорејската војска детално ги анализира лансирањата со американските разузнавачки власти, објави новинската агенција Јонхап.