Нов декласифициран документ од истрагата на ФБИ за нападите со киднапираните авиони на 11 септември 2001 година е објавен денеска. Станува збор за документ во кој се опишува работата на ФБИ во која се истражувале наводна поврзаност на најмалку двајца од киднаперите со осомничен саудиски разузнавач.
Во документот од 16 страници кој што беше објавен доцна ноќта на 11 септември, се укажува на сведочења кои предизвикале сомневања за можна поврзаност на Омар ал Бајуми кој студирал во Лос Анџелес, а за кого ФБИ се сомневале дека е саудиски разузнавачки агент.
Во документот тој е опишан како длабоко вклучен во „финансирање, логистика и помош при патување “ на двајцата од киднаперите набрзо откако пристигнале во САД во февруари 2000 година.
Ова е прв истражен декласифициран запис, откако американскиот претседател Џо Бајден му нареди на министерството за правда да ги разгледа документите на ФБИ за истрагата по нападите на 11 септември 2001 година. Се очекува во наредните 6 месеци и други документи да бидат декласифицирани.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Како беа извршени нападите на 11 септември 2001 година
Објавувањето на документот следува по меморијалните настани во Њујорк, Пенсилванија и Пентагон за одбележување на 20 годишнината од нападот.
Саудиската влада долго време негираше каква било вмешаност во нападите во кои загинаа над 3 илјади луѓе, а документот не нуди докази дека саудската влада била соучесник во заговорот.
Претходно саудиската амбасада во Вашингтон го отфрли како „категорично лажно“ секое тврдење дека Саудиска Арабија е соучесник. Амабасадата посочи дека дава целосна поддршка за целосно декласифицирање на сите записи со „ цел да се стави крај на неоснованите обвинувања против Кралството, еднаш засекогаш“.
Одлуката на Бајден за декласификација на документите на ФБИ од истрагата дојде откако семејствата на жртвите водат судски спор во кој обвинуваат дека високи саудиски функционери се соучесници во нападите.