Нови антиковид мерки во Црна Гора

Вакцинација во Црна Гора.

Министерката за здравство на Црна Гора, Јелена Боровиниќ Бојовиќ изјави дека здравствените власти одлучиле да и дадат приоритет на имунизацијата, наместо полициски час.

„Новина е што во иднина, статусот на делумна вакцинација (една доза) нема да се признава и дека ќе можеме да влеземе во трговски центри само доколку исполнуваме еден од пропишаните услови од Националните дигитални Ковид потврди. Заострени се и условите за влез во нашата земја“, рече Боровиниќ Бојовиќ на прес-конференција.

Според неа, сертификатот ќе важи само ако лицето исполнува еден од пропишаните услови дека поминале 14 дена од втората доза на вакцината која се дава во две дози или 14 дена од имунизацијата со вакцина со една доза. Таа појасни дека вториот услов е негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или позитивен ПЦР тест постар од 14 дена, а не постар од 180 дена. Исто така, таа додаде, дека може и лицето да има негативен брз тест кој не е постар од 48 часа.

За министерката oхрабрувачки е што 45 проценти од возрасните граѓани во Црна Гора се вакцинирани барем со првата доза, но тој процент мора да биде значително подобар. Мерките што ги усвои Владата на Црна Гора ќе стапат на сила утре и ќе важат до 24 септември.

Од 14 септември, влезот во Црна Гора е дозволен само ако црногорските граѓани и странци исполнуваат еден од пропишаните услови во однос на вакцинацијата.