ВМРО-ДПМНЕ со нови кандидати: Муцунски за Аеродром, Зафировски за Карпош

Тимчо Муцунски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Професори, доктори, стопанственици, но и нови имиња, се меѓу новите осум кандидати за градоначалници што ги објави ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, огромно мнозинство граѓани се определило за поддршка на нови и некомпромитирани имиња.

„ВМРО-ДПМНЕ на последната седница на Извршниот и Централниот комитет донесе одлука за повеќе кандидати за градоначалници на општините. Се водевме од принципите за чесност, транспаретност, работливост и согласно со мислењето на членството и граѓаните“, соопшти партијата.

За Општина Аеродром е предложен Тимчо Муцунски, доцент на Правниот факултет „Јустинијан први”, актуелен пратеник во Собранието и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, за Општина Карпош Оливер Зафировски, специјалист педијатар, пулмоалерголог, за Општина Битола Тони Коњановски, специјалист епидемиолог и советник во Советот на општина Битола, за Општина Струмица економистот Жан Дрвошанов.

За Општина Кичево кандидат за градоначалник е доктор Александар Јовановски, за Општина Крива Паланка поранешниот директор на Центарот за култура, Александар Рангелов, за Општина Старо Нагоричане филологот Велибор Денковски, а за Општина Долнени е предложен Ладо Глигороски кој активно се занимава со земјоделство.