Прва евакуација на странци по повлекувањето на американските сили од Кабул

Американски воен авион заминува од аеродромот во Кабул, 30.08.2021

Повеќе од 200 странски државјани, меѓу кои и многу Американции денеска полетаа од авганистанскиот главен град Кабул со авион на компанијата Катар ервејс, јавуваат светските медиуми. Ова е прв лет од главниот авганистански град откако на 30 август заврши евакуацијата која ја предводеа американските сили. Според преносот во живо од аеродромот во Кабул авинот полетал околу шест часот пред полноќ по локално време.

Агенцијата Асошиејтед Прес претходно јави дека двајца официјални претставници на Катар рекле дека меѓу патниците има 100 до 150 Американци. Агенцијата Ројтерс, пак, во меѓувреме цитирајќи официјални лица од главниот град на Катар, Доха, извести дека околу 200 странци се во авионот.

Истите официјални лица за агенцијата не соопштија дали меѓу нив се и луѓето кои беа заглавени во западниот авганистански град Мазар-е Шариф откако талибанските власти им забранија да полетуваат со приватни чартер авиони.
Талибанците соопштија дека ќе им дозволат на оние со валидни документи да ја напуштат земјата, но многу од нив немаа.