Министерството за здравство тврди дека модуларните болници се безбедни

Модуларната ковид болница во Тетово пред пожарот

Сите 19 изградени модуларни ковид болници во државата се градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди, се огласи денеска со писмено соопштение Министерството за здравство. Во него е посочено дека модуларните ковид центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, се отворени после технички прием.

До оваа реакција од министерството доаѓа откако медумите потсетија на изјавата пред неколку месеци, на економскиот директор на болницата, кој реагираше на одредени неправилности при изградбата, за кои бараше да се санираат, па дури потоа болницата да се пушти во употреба.

Економскиот директор на Клиничката болница Тетово, Артан Етеми, побара од фирмата изведувач да ги отстрани пропустите, иако претходниот ден имало примопредавање на објектот од страна на фирмата изведувач, Министерството за здравство и Клиничката болница. Но, уште тогаш во април годинава Етеми изјави дека грешките биле ситни.

Тендерот за изградба на модуларните болници во земјава, меѓу нив и тетовската, минатата година ги доби велешката фирма „Брако“ заедно со валандовската „Ари и Том“. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена им исплати 3,6 милиони евра.

„При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска“, велат денеска од Министерството.

Од Министерството апелираат да не се шпекулира со ваквите информации и очекуваат експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа страотна несреќа.

„Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа“, се вели во соопштението на министерството за здравство.