Изгоре ковид-центарот во Тетово, потврдени 14 починати

Тетово 08.09.2021, Пожар во ковид центарот во Тетово

По состанокот на Кризниот штаб во зградата на Општина Тетово никој од државниот и општинскиот врв не даде изјава со образложение дека ќе ги чекаат официјалните резултати од истрагата

Се беше во пламен и вадевме и тела додека се гасеше пожарот, но немаме податоци за бројот на жртви, изјави заменик-командирот на тетовската противпожарна единица, Сашо Трајчевски, по изгаснувањето на пожарот во кој целосно изгоре ковид-центарот во Тетовската болница.

Бројот на загинати во пожарот во модуларната болница во Тетово за лекување на ковид – пациенти денеска се искачи на 14. Јавното обвинителство соопшти дека издале наредба за обдукција и идентификација на 14 тела на починати во синоќешниот пожар во тетовската ковид болница. Во соопштението е наведено дека се испитува дали има и други починати лица.

„За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал“, велат од обвинителството.

Потврда денеска стаса и од Министерството за здравство.

„Министерството за здравство информира дека во вчерашната несреќа при пожар во Ковид центарот во Тетово загинаа вкупно 14 лица. Во Ковид центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, останатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност. Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди. Министерството за здравство изразува сочувство до семесјтвата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа. Министерството во текот на денот постојано ќе информира за сите нови детали околу случајот, апелираме до медиумите и граѓаните да ги следат официјалните информации и да се воздржат од шпекулации за овој немил настан“, соопшти Министерството.

Министерот за здравство, Венко Филипче, на твитер пред полноќ објави дека има потврда за 10 починати во пожарот, но дека стравува оти бројот може да биде поголем.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пожарот во ковид центарот во Тетово

„Во Тетово се случи несреќа која однесе повеќе човечки жртви. До моментов се потврдени десет загинати во пожарот, но бројката може да порасне. Ова е многу тажен ден, изразувам најдлабоко сочуство до семејствата“, објави Филипче.

Објавата на Филипче за 10 жртви во пожарот во тетовскиот ковид центар

По пожарот веднаш беше формиран Кризен штаб кој одржа состанок во Општинската зграда во Тетово, но по неговото завршување немаше изјави за јавноста со образложение дека треба прво да се почекаат офоцијалните информации од истрагата и од медицинските екипи. На состанокот присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче, градоначалничката на Тетото, Теута Арифи, и други претставници на државниот и лоланиот политички врв.

Заев на Фејсбук најави брзо утврдување на причините за пожарот

Премиерот Заев во објава на Фејсбук изрази сочувство до семејствата на починатите во пожарот и им посака брзо оздравување на повредените. Најави брзо утврдување на причините за пожарот за што, како што напиша на Фејсбук, веќе на терен работат правосудните органи. На терен се излезени 5 обвинители, тројца од Тетово и двајца од Скопје.

„Тимот од петмина обвинители, заедно со екипи од надлежните институции, ги преземаат сите дејствија во насока на утврдување на причините за настанатиот пожар“, информираше Јавното обвинителство.

Трајчевски: Се беше во пламен

Пожарот избувнал околу 21 часот, а на терен веднаш излегле 30-ина пожарникари со седум возила кои го локализирале и го изгасиле пожарот во кој се служале и експлозии, најверојатно од боците со кислород.

„Во 21 часот и две минути е пријавено дека гори модуларната болница во Медицински центар – Тетово. Екипите за три-четири минути пристигнаа на лице место со околу седум возила и над 30 пожарникари учествуваме од двете страни. Екипите кога пристигнаа, се беше во пламен. Додека се гасеше пожарот, пламените јазици беа огромни, модуларната болница е сè со пластика се вадеа и жртви. Не може да го знаеме бројот“, изјави заменик-командирот на тетовските пожарникари, Сашо Трајчевски.

Арифи: Се се случило многу брзо

Податоци за жртви веднаш по пожарот, како ни информации за причините за пожарот, немаше ниту тетовската градоначалничка Теута Арифи.

„Информирана сум дека пожарот избувнал многу брзо и брзо се ширел. Немам информации за можни жртви, за тоа секако ќе бидеме официјално информирани. Апсолутно жалам што се работи за болни луѓе кои биле тука на лекување. Допрва се очекуваат информации од полицијата и од болницата“, изјави Арифи пред одржувањето на состанокот на Кризниот штаб.

Пожар во модуларната болница во Тетово

Набрзо по пожарот, министерот за здравство, објавувајќи дека патува кон Тетово, на твитер напиша дена во страотниот пожар има и жртви. Час и половина по пожарот, Министерството за здравство (МЗ) информираше дека има и жртви во пожарот во Ковид центарот.

„Точниот број на лица кои го загубиле животот, повредените и нивната состојба се утврдува во моментов. Пожарот е веќе изгаснат и сите тимови од болницата се мобилизирани да дадат помош на повредените. Тие итно се транспортираат во Скопје за да им се пружи соодветна нега, тимовите на Клиника се мобилизирани. Министерот за здравство д-р Венко Филипче е во Тетово. По завршениот увид ќе ја информираме јавноста за фактичката состојба“, соопшти МЗ пред 23 часот.

Без официјални изјави по состанокот на Кризниот штаб: Ќе чекаме истрагата да заврши

Итен кризен штаб за вечерва се одржа во Општина Тетово, на кој беа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Артан Груби, министрите Венко Филипче, Љупчо Николовски, Аријант Хоџа, Оливер Спасовски и други. Никој не даде изјава по состанокот. Само градоначалничката Арифи рече дека одлучиле да не даваат изјави додека не заврши истрагата и додека не добијат целосни официјални информации.

Според последните информации, се прават подготовки за дел од повредените да се пренесат во Скопје, во Клиничкиот центар.

Фотографија од пожарот во тетовската модуларна ковид болница

Опозицијата бара одговорност од власта

Во меѓувреме, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека неговата партија се става на располагање да помогне, а неговиот сопартиец Владимир Ѓорчев побара одговорност од премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче.

„Модуларната болница во Тетово беше фушерајски направена, со бизнис интереси. Жално и тажно. Распад на системот. Заев и Филипче, оставки и одговорност“, изјави Ѓорчев.

МЗ: Градено е по сите стандарди

По овие обвинувања се огласи и Министерството за здравство (МЗ) со тврдење дека сите модуларни болници се правени по стандарди и се безбедни.

„Сите 19 изградени модуларни ковид болници во државата се градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди“, се огласи денеска со писмено соопштение Министерството за здравство. Во него е посочено дека модуларните ковид центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, се отворени после технички прием.