Нема починат од ковид во тетовската болница по долго време

Клиничката болница во Тетово

Нема починат пациент меѓу заболените кои се на болничко лекување во ковид центарот во тетовската клиничка болница во изминатите 24 часа, до седум часот утринава. Се намалува и бројот на хоспитализирани во болница, изјави доктор Миранда Пајазити.

„За прв пат после повеќе од три недели при евиденција на 24 часовните период немаме починат пациент меѓу хоспитализираните. Има нови девет примени на болничко лекување, а 13 се пуштени дома. Сега има вкупно 84 хоспитализирани од кои 82 се на кислородна поддршка. Бројот на прегледи во амбуланта изнесува 135“, изјави доктор Пајазити.

Пред една недела на 31 август имаше 116 хоспитализирани, додека пред две недели на 24 август имаше најголем број, 10 смртни случаи за 24 часа.

Во Македонија бројот на активни случаи изнесува 14.781, од нив Тетово е на второ место со 1786 случаи. На прво место е Скопје со 6202 активни случаи на заразени со ковид.