Генерална проба за дефилето за независноста

Во центарот на Скопје генералната проба за централната прослава што треба да се одржи на 8 Септември – Денот на независноста, по повод 30 години независност на државата.

Војници и армиски возила, денеска вежбаа на улиците низ центарот на Скопје по повод Денот на независноста. Централната манифестација треба да се одржи в среда на 8 септември. До среда ќе има проби низ центарот на главниот град, а за таа цел ќе има и изменет сообраќаен режим. Пробите се изведуваат двапати дневно од 07:30 до 12:30 часот и од 15:30 до 20:00 часот. Во тој период затворени за сообраќај ќе бидат:

- бул. „Кочо Рацин“ на потег од крстосницата со бул. „Кузман Јосифовски Питу“ до ул. „Кирил и Методиј“.
- ул. „11 Октомври“ на потег од ул. „Крушевска Република“ до ул. „Димитрие Чуповски“.
- ул. „Филип Втори“ на потег од бул. „Гоце Делчев“ до ул. „11-ти Октомври“.
- кеј „13–ти Ноември“ на потег од ул. „Филип Втори“ до бул. „Кочо Рацин“.
- ул. „Мирче Ацев“ на потег од ул. „Филип Втори“ до бул. „Кочо Рацин“.
- ул. „Димитрија Чуповски“ на потег од порта Македонија до бул. „Климент Охридски" и
- ул. „Даме Груев“ од крстосница со ул. „Македонија“ до ул. „11-ти Октомври“.

Сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Владата вчера соопшти дека за одбележување на 30 години независност, в среда пред Владата ќе се одржат првин дефиле, па говори на политичкиот врв, а на крај ќе има музички дел.

Ќе дефилираат националните ансамбли и културно-уметничките друштва, на рударите, земјоделците, волонтерите на Црвен крст, извидниците, здравствените работници, спортистите, пожарникарите, полицијата и армијата.

Покрај официјалните гости и медиуми, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, предвидено е присуство на околу 1000 граѓани кои ќе можат да се акредитираат за бесплатен билет и сите ќе требаат да приложат вакцинален сертификат или потврда за прележаност од ковид-19.