Од ковид починале четворица пациенти во тетовската и тројца во штипската болница

Четворица пациенти со ковид хоспитализирани во болницата во Тетово починале во изминатите 24 часа, заклучно до седум часот утринава, информираат од тетовската клиничка болница и ковид центарот. Починатите се на возраст од 53, 63, 65 и 78 години.

„Во текот на последните 24 часа примени се нови шест пациенти, а пуштени се дома осум луѓе. Сите 102 лица кои се на болничко лекување се на кислородна поддршка, информираше дoоктор Гзим Нуредини, координатор во ковид центарот.
Помош од лекарите преку прегледи и контроли побарале 147 луѓе.

Тројца пациенти ја загубиле битката со коронавирусот во штипската модуларна болница. Според болничкиот извештај починатите пациенти се од Виница на возраст од 47 години и двајца од Штип на возраст од 58 и 67 години.

Иако е зголемен бројот на прегледи во дневната амбуланта, каде што за 24 часа се прегледани 72 пациенти, сепак притисокот за болничко сместување се намалува во споредба со минатите денови.

Во модуларната болница се лекуваат 35 пациенти, од кои само четворица не се на кислородна поддршка, а на Кожното одделение се лекуваат шест пациенти, кои се стабилизирани и со полесна клиничка слика.