Од кампањи до потерници

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека промовирањето на досега сработените проекти не се предизборна кампања за локалните избори, законот не е прекршен и сакаат да им предочат на граѓаните нешто позитивно на што се работело за време на пандемијата.

РЕПУБЛИКА СРПСКА / БИХ - Владата на Република Српска (РС) го одобри Предлог-законот за заштита, зачувување и употреба на јазикот на српскиот народ и кирилицата, по итна постапка. Законот предвидува и казни.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за надворешни работи (МНР) потврди дека еден вработен во Министерството, кој во моментов е упатен во нашата Мисија во ОБСЕ во Виена, е притворен во Србија на 27 август 2021, за што Министерството за надворешни работи на Србија официјално ја известило македонската Амбасада во Белград.

БИХ - Во Босна и Херцеговина (БиХ), која имаше големи проблеми со снабдување со вакцини против коронавирусот, сега ќе мора да уништи неколку стотици илјади дози затоа што за еден месец им истекува рокот за употреба.

МАКЕДОНИЈА - Владата почна кампања насловена Сега се е јавно, корупцијата не се исплати, која, како што ја претстави премиерот Зоран Заев, е насочена кон целосно искоренување на оваа појава во општеството.

МАКЕДОНИЈА - Бизнисменот Јордан Орце Камчев, обвинет во случајот Плацеви на Водно, останува во притвор во затворот во Шутка, откако Кривичниот совет во Основниот суд ја одбил понудената гаранција од 2 милиони евра. По оваа одлука одбраната на Камчев има право да поднесе жалба до Апелација, во рок од три дена, почнувајќи од вчера.

ЕУ / АВГАНИСТАН - Европската унија не планира да ја признае новата влада на Авганистан, откако ќе биде објавена, но ќе се соработува со администрацијата предводена од Талибанците на оперативна основа.

РУСИЈА - Руското обвинителството побарало од судот во рускиот град Уфа да донесе осудителна пресуда со четиригодишна казна затвор за жена која донирала малку пари на постарата мајка на затворениот опозициски активист. На денешното рочиште обвинителите побараа од судот да ја прогласат Илмира Бикбаева за виновна за финансиски поддршка на екстремизмот, откако таа испрати вкупно околу 6.000 рубљи или 82 долари во неколку наврати на мајката на Ајрат Дилмухаметов.

МАКЕДОНИЈА - Министерката за образование, Мила Царовска, денеска изјави дека нема заразени ученици во училиште. Има 14 позитивни сличаи, но тие не се заразиле во школо.

авганистан - Коосновачот и политичкиот шеф на Талибанците, Мула Абдул Гани Барадар, кој се смета за релативно умерен во оваа исламистичка група, ќе ја предводи новата влада во Авганистан, цитира Ројтерс неколку извори. Изворите велат дека Мула Мохамад Јакуб, син на починатиот талибански основач и духовен водач Мула Мохамад Омар и Шер Мохамад Абас Станекзаи, член на политичката канцеларија на Талибанците во Доха, ќе преземат високи позиции во владата.

ЈАПОНИЈА - Јапонскиот премиер Јошихиде Суга изјави денеска дека нема да се кандидира за раководство на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) на крајот на септември, со што ја напушта функцијата премиер по само една година.