Владата почна антикорупциска кампања: Сега се е јавно

Премиерот Заев и вицепремиерот Николовски

Владата од денеска почнува кампања „Сега се е јавно, корупцијата не се исплати“, која, како што претстави денеска премиерот Зоран Заев, е насочена кон целосно искоренување на оваа појава во општеството. Според него, станува збор за широка комуникациска кампања со цел да се информира јавноста за оваа појава и да се распознае и пријави корупцијата. Изработени се три спота во кои се претставени случаи на корупција и заштитните механизми, a ќе биде креирана и посебна интерактивна веб страница.

Премиерот Зоран Заев, кој денеска заедно со вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски ја промовираше кампањата, порача дека Владата и граѓаните се на иста страна во борбата против корупцијата.

„Не постои ситна или голема корупција, ниту пак различен пристап меѓу големата и малата корупција. Никој не е заштитен и мора со заеднички сили и со помош на граѓаните да се искорени оваа појава“, рече Заев.

Тој нагласи дека на проверка на профит кој не се совпаѓа со заработувачката, освен јавните функционери и администрацијата, ќе бидат подложни и граѓаните.

Вицепремиерот Љупчо Николовски, кој заедно со Заев ја промовираше кампањата, рече дека во изминатиот период се менува пристапот и оти сега секој може со само неколку клика да ги види сите јавни набавки, учесници во тендери и други информации.

Во следните 15 дена, како што најави Николовски, ќе биде промовиран и централизиранот систем за пријавување корупција и следење на сите предмети во рамки на институциите, креиран со поддршка на УСАИД.