Вкупно 87 проценти од хоспитализираните не биле вакцинирани

Вакцинален сертификат

Од заразените со ковид-19 во изминатите четири недели дури 81 проценти не биле вакцинирани против вирусот, соопшти Министерството за здравство. Во објавената анализата за период од 06 август заклучно со 2 септември, се наведува дека во тој период со ковид-19 се заразиле 22.416 граѓани.

Од нив 18.225 граѓани, односно дури 81 процент од позитивните на ковид 19 не биле вакцинирани. За тие четири недели со ковид се заразиле и 4191 лице кои биле вакцинирани, односно 18 проценти од заразените примиле претходно вакцини. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 87 отсто, додека само 13 проценти од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од четири седмици на територија на државата починале 480 лица со ковид 19, а 429 пациенти (89 проценти) од починатите не биле вакцинирани, додека само 51 (10 отсто) примиле вакцина.

Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат.