МЗ: Поголема смртност во градовите со малку вакцинирани

Илустрација - Вакцинирање против Ковид-19 во Скопје, август 2021

Во периодот од јули до крајот на август, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со ковид-19 имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население, алармира денеска Министерството за здравство (МЗ). Во нивното соопштение е наведено дека во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово каде што опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61 процент, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат.

„Тетово, го пречека бранот само со 19 отсто вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август. Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува скоро 37 проценти„ се вели во соопштението од министерството.

Оттаму додаваат дека е слична состојбата и во Гостивар каде има мал опфат на вакцинирано население. Во овој град опфатот на вакцинирани полнолетни граѓани до крај на август е под 30 проценти, а бројот на починати со ковид-19 е 73.

Од Министерството апелираат да се отфрлат сите заблуди во врска со вакцините и да се следат реалните докази кои покажуваат колку тие се значајни и ефикасни.