Од Румен Радев до Бебе Реџа

РУСИЈА / БЕЛОРУСИЈА - Белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко рече дека неговата земја наскоро ќе добие голема воена пратка од Русија, што се смета за знак дека Русија продолжува со поддршката кон него во услови на меѓународни противења за неговиот понекогаш насилен однос кон неистомислениците. Лукашенко денеска рече дека десетици авиони и системи за воздушна одбрана меѓу кои веројатно и С-400 ракетен систем ќе биде наскоро доставен од соседна Русија во Белорусија. Тој не кажа дополнителни детали.

БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Притисокот врз Бугарија во наредните месеци на темата Република Северна Македонија ќе продолжи да се зголемува, изјави претседателот на Бугарија Румен Радев, кој учествува на Бледскиот стратешки форум.

ИРАН - Франција и Германија го повикаа Иран веднаш да ги продолжи разговорите за заживување на договорот за нуклеарната програма, откако Техеран рече дека може ќе му требаат уште неколку месеци пред да се врати на преговарачка маса.

СРБИЈА / КОСОВО - Српскиот претседател Александар Вучиќ на Блед изјави дека Приштина на 4 септември ќе започне нова акција, со нови барања за прием во многу меѓународни организации како Интерпол, УНЕСКО и Советот на Европа.

МАКЕДОНИЈА - Се е подготвено за почеток на пописот којшто треба да почне во недела на петти септември, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.

АВГАНИСТАН - Илјадници луѓе кои бараат начин да избегат од талибанската власт се собраа на авганистанските граници по повлекувањето на американските сили со што се стави крај на масовната авионска евакуација на Авганистанците кои им помагаа на западните нации за време на 20 годишното присуство во земјата.

МАКЕДОНИЈА - Управата на болницата во Дебар информираше дека дебарските иселеници во Соединетите Американски Држави собираат донации за потребите на ковид центарот во тој град. Директорот на болницата Баки Алили за Радио Слободна Европа изјави дека за само четири дена пристигнати се донации во висина од 35 илјади долари . Меѓу донаторите е и познатата американската пејачка Бебе Реџа која е по потекло е од Дебар. Таа донирала 10 илјади долари и упатила апел за собирање на донации.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство денеска информира дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починала 15 годишна пациентка од тетовското село Селце.

МАКЕДОНИЈА / ДАНСКА - Данска смета дека Република Северна Македонија е подготвена да почне со преговори за членство во Европската Унија и за тоа ќе се залагаме. Се надевам дека подоцна годинава или најрано можно ќе донесеме таква одлука и оти сите 27 земји членки на ЕУ ќе застанат зад неа, рече денеска во Скопје данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод кој претстојува во официјална посета на земјава.

МАКЕДОНИЈА - Локалната канцеларија на организацијата на Обеденитети нации за децата УНИЦЕФ, министерката Мила Царовска, премиерот Зоран Заев и други политичари го честитаа првиот училиштен ден кој ги врати учениците во клупи по година и пол дигитална онлајн настава поради пандемијата со коронавирусот.