Иран најави нова рунда разговори со Саудиска Арабија

Знамињата на Саудиска Арабија и Иран

Техеран планира да одржи нова рунда разговори со Саудиска Арабија во Ирак откако новата иранска влада ќе биде формирана, јавуваат државните ирански медиуми.

"Имавме три рунди на разговори со саудиската страна, а четвртата рунда ќе биде одржана веднаш по формирањето на новата иранска влада“ рече Ирај Масједи амбасадарот на Иран во Багдад.

Иран кој е воден од шиитите и Саудиска Арабија која е контролирана од сунитите се двата најголеми ривали во борбата за влијание во Блискиот исток и ги поддржуваат своите сојузници во војните во Јемен, Сирија и на други места.
Двете главно муслимански земји ги прекинаа меѓусебните дипломатски односи во 2016 година откако ирански демонстранти ја нападнаа саудиската дипломатска мисија што следуваше по егзекуцијата во Ријад на почитуван шиитски свештеник.

Претходно годинава медиумите јавија дека саудски и ирански владини претставници се среќавале во Багдад во април. Иран ги потврди разговорите и соопшти дека ќе направат се за да ги затворат проблематичните прашања.