УНИЦЕФ: Децата не смеат да ризикуваат уште една година со нарушено учење

УНИЦЕФ апелира децата да се вратат во училиште и го повикува целото општество да вложи напори училиштата да останат безбедни и отворени, додека децата се подготвуваат да се вратат на настава со физичко присуство.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани смета дека отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е критичен чекор за секое дете да има пристап до квалитетно образование со кое се градат и се признаваат вештините што им се потребни на децата и адолесцентите.

„Децата и младите не смее да ризикуваат уште една година со нарушено учење. Пред пандемијата на КОВИД-19, Северна Македонија се соочуваше со образовна криза, при што над половина од сите петнаесет годишници во земјата не успеаја да покажат основни познавања во читање и математика. Сега, повеќе од кога било, потребно е целата земја да даде приоритет училиштата дa останат безбедни и отворени за учениците да го надоместат изгубеното во учењето и менталната благосостојба“ изјави денеска ДиЏовани.

Џихан Тавила, претставник на СЗО во Северна Македонија вели дека КОВИД-19 станува вирус со кој мора да научиме да живееме, па сега, императив е да се намали нарушувањето во образованието на децата и младите, без оглед на нивната возраст.

„Со можноста во Северна Македонија да се понудат две дози вакцини за сите возрасни лица и адолесценти над 12-годишна возраст, сега приоритет е да се обезбеди директно, безбедно и висококвалитетно образование за сите ученици – особено кога знаеме дека директните клинички ризици за децата се екстремно ниски“ изјави Тавила.

Царовска- нема потреба од паника за наставата со физичко присуство


Според УНИЦЕФ, затворањето на училиштата негативно влијае на учењето, здравјето и благосостојбата на учениците во критичните развојни фази со длабоки последици за секое дете, неговото семејство и нивната економија.