Над милион домови без струја откако ураганот Ида ја погоди Луизијана

ураганот Ида ја погоди американската држава Луизијана

Спасувачките екипи извлекоа стотици луѓе од надојдената вода на 30 август, откако ураганот Ида ја погоди американската држава Луизијана, оставајќи пустош. Ида стигна на копното како моќен ураган од категорија 4 на 29 август, со ветрови со брзина до 240 километри на час, откинувајќи покриви и уривајќи далноводите. Невремето беше сведено на тропска бура доцна попладне на 30 август. Сега се предвидува дека поројните дождови ќе предизвикаат поплави до средината на неделата. Околу милион домови во Луизијана, вклучувајќи го и Њу Орлеанс, останува без струја. Штетата е толку голема што енергетската компанија Ентерги предупреди дека може да поминат неколку недели пред да биде поправена електричната мрежа.

Кон југоисточниот дел на САД патува најсилниот ураган од 1850 година


Најмалку две лица загинаа во Луизијана, изјави за медиумите гувернерот Џон Бел Едвардс. „Не можам да ви кажам кога ќе се врати струјата. Не можам да ви кажам кога ќе се направат сите поправки. Но, она што можам да ви го кажам е дека ќе работиме напорно секој ден“, изјави Едвардс. Локалните, државните и федералните спасувачи заедно успеаја да спасат најмалку 671 лице до 30 август попладне, рече Едвардс. Се чини дека Њу Орлеанс се спаси од катастрофални поплави како оние пред 16 години кога ураганот Катрина ги проби насипите околу градот при што загинаа 1800 луѓе.