Неопходно е што поголем дел од населението, а пред сè родителите и просветните работници да се вакцинираат за да се стабилизира епидемиолошката состојба, а наставата да се одржува непречено до крајот на учебната година, соопштува Министерството за здравство.
Тие информираат дека протоколи за редовна работа на училиштата се донесени и во Србија, Бугарија и во Хрватска.
„Во нашата земја, оваа учебна година започнува редовно, со физичко присуство во основните и средните училишта, а ќе се одвива под јасно утврдени здравствени протоколи. Ваквата стратегија се покажа како добра минатата учебна година, кога 40 отсто од учениците следеа физичка настава. Исклучок од оваа одлука ќе бидат децата со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни членови на семејството, по барање на родителите, или други немедицински причини, со дозвола на училиштето“, стои во соопштението.
MЗ апелира за масовна вакцинација, особено на родителите чии деца ќе тргнат на училиште и во градинка, како би се заштитиле семејствата.
Во случај на влошување на епидемиолошката состојба, МОН по проценка на Комисијата за заразни болести, за реализација на наставата има две резервни сценарија со кои ќе се заштити и зачува здравјето на учениците и наставниот кадар како приоритет, притоа одржувајќи го континуитетот на образованиот процес, стои во соопштението од Министерството за здравство.