Царовска: Нема дискусии за моделот на настава, разговараме за почеток на учебната година

Министерката за образование и наука, Мила Царовска

Нема дискусии во однос на моделот на наставата, а Комисијата за заразни болести е таа која одлучува, изјави во Пробиштип министерката за образование и наука Мила Царовска. Таа потврди дека денеска ќе има средба со директорите на средните училишта во државата, а тема на разговор ќе биде почетокот на учебната година, а не моделот на наставата.

„Во однос на менување на моделот нема таква дискусија заради тоа што од локалниот Координативен штаб на Тетово пристигна барањето за преминување на онлајн настава за две недели настава, при што Комисијата за заразни болести утврдува дали одреден модел се менува или не. Комисијата за заразни болести како што се изјасни министерот за здравство утврди дека може да одат со онлајн настава, само заради оптоварувањето на болницата, не заради други параметри што укажува на тоа дека денеска нема да се дискутира за промена на моделот во средните училишта, туку за почетокот на учебната година“, рече Царовска, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип.

За протоколите за одвивање на наставата во услови на ковид пандемија таа посочи дека тие се објавени многу одамна и се достапни за сите оние коишто сакаат да ги прочитаат.

„Јасно е пропишана дезинфекција, маски и исто така користењето на училишната сала и училишните мензи. Ќе ве замолам за деталите јасно кажани таму да ги видите и да ги презентирате на јавноста. Значајно е дека вентилирањето на самите училници е забрането да се случува со уреди, туку треба да има отворени прозори, отворени врати. Учениците во текот на одморот може да излезат надвор за да може да ги извадат маските, но со престојот во училница треба да има постојана дезинфекција на површините, постојано дезинфекција на рацете и одржување на маските на лицето во континуитет“, рече Царовска.

Инаку во други земји наставата ќе почне и со дополнителни мерки во протоколите. На пример во Грција учениците ќе мора да доаѓаат на училиште или со потврда за вакцинација (за возрасна група од 12-17 години) или со сертификат за прележан Ковид-19 во последните шест месеци. Во спротивно, тие ќе мора да прават само-тест двапати неделно и да донесат потврда за негативни резултати при влегување во училиште. Наставниците кои не биле вакцинирани и немале Ковид-19, ќе треба да прават лабораториски тест за Ковид-19 двапати неделно. Во Словенија, пак, има услов за редовно тестирање на училишниот персонал во случаи кога не се вакцинирани или не прележале ковид. Директорите на училиштата добија уредба според која одбивањето на вработените да бидат тестирани за коронавирус може да биде причина за отказ.

Во Македонија учебната 2021/2022 година на 1 септември ќе почне со отворени училишта за основците и средношколците. Настава со физичко присуство со полн капацитет и примена на соодветни антиковид-протоколи препорача Главниот кризен штаб на 16 август, а одлуката наредниот ден ја донесе Владата на седница. Поради високиот број заразени со коронавирус во Тетово и Гостивар, Комисјата за заштита од заразни болести, на барање на Општина Тетово, одлучи само средните училишта во овие градови да организираат онлајн-настава во првите две недели од септември.