ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа Арсовска за кандидат за градоначалник на Скопје

Даниела Арсовска

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска објави дека ќе ја поддржат независната кандидатка Даниела Арсовска за градоначалник на Скопје. Тој рече дека таа е натпартиски човек и докажана личност која може да ги обедини сите.

„ Во Скопје има недостаток од градоначалник и тим кој ќе го унапредат градот. Делови на Скопје немаат вода за пиење, имаат проблем со канализација, Партизанска се поплавува, нема Луна парк, а има бетон, бетон и бетон. Бетонот го загрозува квалитетот на животот. Епилогот е создавање на апатија, гадење од политика кај граѓаните, демотивација. Затоа на Скопје му е потребен менаџер на градот. Личност кој ќе ги обедени сите“, рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека Извршниот комитет донел одлука за уште десеттина кандидати за градоначалници на општини, но имињата ќе бидат соопштени во текот на утрешниот ден.

Од СДСМ реагираа преку соопштение во кое се вели дека Арсовска е избрана да го понесе поразот во Скопје.

„Независната кандидатура на Даниела Арсовска, кадарот на бегалецот Никола Груевски, е уште една потврда дека и во ВМРО-ДПМНЕ знаат дека на претстојните локални избори ги чека уште еден пораз. Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја избра почесниот конзул на Унгарија и поранешен партиски донатор да се жртвува во кампањата за градоначалник на Скопје“, се вели во соопштението на СДСМ.

Инаку Арсовска штом одлучи да се кандидира како независен кандидат веднаш ги собра потребните потписи, а преку социјалните мрежи изрази и благодарност за поддршката.

„Сега како официјален независен кандидат за градот Скопје би сакала да повторам зошто сум независен кандидат. Јас не сум член на политичка партија и ја барам поддршката од сите граѓани и партии да ме поддржат. Горда сум на скопјани, на нивната енергија и горда сум што сум нивен кандидат. Секоја поддршка е добредојдена“, напиша Арсовска на својот фејсбук профил во петокот.

Арсовска е на чело на Сојузот на стопански комори од 2014 година. Претходно беше член на Управниот одбор и претседател на Услужната комора. Таа е член и на Советот за јавно приватно партнерство во Владата на Република Северна Македонија.