Најмалку 30 провладини борци убиени во напад на Хусите во Јемен

илустрација

Најмалку 30 војници загинале, а 60 се ранети во нападите на припадниците на движењето Хуса врз воена база која припаѓа на силите на коалицијата предводена од Саудиска Арабија, соопшти портпаролот на јеменските сили на југот на земјата Мохамед ал-Накиб, пренесува Ројтерс.

„Неделниот напад врз воената база Ал-Анад во јужната провинција Лахиј под контрола на владините сили беше извршен со употреба на вооружени беспилотни летала и балистички ракети“, изјави портпаролот Мохамед ал-Накиб.

Жителите рекоа дека слушнале силни експлозии во областа Ал-Анад. Во моментов нема коментари од бунтовничката страна.

Меѓународно признатата влада, поддржана од воената коалиција предводена од Саудиска Арабија и членовите на движењето Хуса, поддржани од Иран, се во војна од 2014 година, кога бунтовниците го зазедоа главниот град Сана.

Во 2019 година, членовите на движењето Хуса извршија напад со беспилотно летало врз Ал-Анад за време на воена парада, а медицински и државни извори тогаш соопштија дека загинале најмалку шест лојалисти, меѓу кои и висок припадник на разузнавачките служби.

Ал-Анад се наоѓа на 60 километри северно од другиот јеменски град Аден и беше седиште на американските сили кои ја контролираа долгогодишната војна со дронови против Ал-Каеда до март 2014 година, кога беше окупиран од бунтовниците од движењето Хута.

Базата беше повторно освоена од владините сили во август 2015 година, кога тие повторно ја освоија територијата од бунтовниците со помош на коалицијата предводена од Саудиска Арабија.