Дневно над 1000 новозаразени, активни 13 697 ковид случаи

илустрација

Рекорден број на починати од Ковид-19 во четвртиот бран е евидентиран во вчерашната статситика на Министерството за здравство за претходното деноноќие. Меѓу починатите 36 лица е и 24-годишно момче од Ресен.

Бројот на новозаразени во изминатиот период се движи околу 1000 дневно. Анализите на МЗ покажуваат дека 83 отсто од новозаразените не биле вакцинирани, а меѓу хоспитализираните тој процент е 89. Само 10 отсто од починатите во август биле вакцинирани.

Според најновата анализа на Министерството за здравство од 6 до 26 август се заразиле 17 020 граѓани во државата. Од нив, 2 924 лица или 17 отсто се целосно вакцинирани. Само 11 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, наведуваат од МЗ.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од три седмици на територија на државата починале 276 лица со КОВИД-19, 246 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 30 (10 отсто) примиле вакцина. Починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Во исто време од ресорното министерство посочуваат дека Северна Македонија е лидер во регионот по бројот на граѓани вакцинирани со барем една доза против Ковид-19 во изминатиот месец и половина.

„Во периодот од 5 јули до 24 август, бројот на барем една аплицирана доза на сто жители во земјата е зголемен за повеќе од 14 отсто, што е највисок напредок во споредба со земјите од регионот и јасно укажува на зголемениот интерес за имунизација кај населението. Во истиот период, веднаш по земјава се Косово со 10,64 отсто, Албанија и Грција со 8,61 отсто и Косово со 8,04 отсто зголемен процент на вакцинирани граѓани со барем една доза вакцина“, се вели во соопштението од МЗ.