Експлозии во воена база во Казахстан, најмалку 9 починати

Воената база во Казахстан каде се случиле експлозиите.


Најмалку девет лица загинале, а 90 лица се повредени во серијата експлозии предизвикани од пожар во воена база во јужен Казахстан. Настанот го натера министерот за одбрана на земјата да поднесе оставка.

Портпаролот на Министерството за вонредни состојби Талгат Уали денеска соопшти дека најмалку две лица се водат како исчезнати по инцидентот. Според Уали, меѓу загинатите има вработен во министерството, воен персонал и службено лице од военото обвинителство.

Министерот за одбрана Нурлан Ермекбаев на брифинг со новинарите претходно денеска рече дека не е јасно што го предизвика пожарот на 26 август во воениот објект во провинцијата Жамбил, каде што се складираат експлозиви. Тој додаде дека не се исклучува можноста пожарот да е подметнат или да се работи за саботажа.

Властите евакуираа стотици луѓе од три села лоцирани на помалку од еден километар од складиштето за муниција и го затворија главниот пат што ја поврзува провинцијата со најголемиот град во Централна Азија, Алмати. Исто така, беше затворена и железницата. Стотици воени лица, полицајци и медицински лица беа мобилизирани за да помогнат во спасувачките напори.