Филипче- се разгледуваат светските искуства за брзи тестови за учениците

Прага- Родителка и помага на ученичка да направи брз тест во основно училиште во Чешка, 12.04.2021

Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес конференцијата по повод отвореањето на пунктот за вакцинација во малата сала во спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје рече дека се разгледуваат некои светски искуства за тоа што се прави во училиштата во однос на брзи тестови кај децата.

„Сето тоа се разгледува од страна на експертите. Засега не се препорачуваат никакви дополнителни мерки, но може да донесеме и други препораки согласно тоа како се одвива сликата со пандемијата“, рече Филипче.

Владата донесе одлука училишната настава од први септември да почне со физичко присуство за сите ученици, а да се одвива под посебни мерки и протоколи. Во моментов во државата според последните податоци од Министерството за здравство има 12 673 активни случаи на заразени со ковид19.

Инаку Филипче рече и дека единствен начин за намалување на заразата е вакцинацијата, наведувајќи дека вкупниот број граѓани кои досега се вакцинирани со најмалку една доза се близу 700 илјади, од кои 510 илјади ја примиле и втората доза.

„Она што е карактеристично и интересно е тоа што во последниот период значајно расте интересот за вакцинација на помладите граѓани, особено од 18 до 40 години и сега таа бројка изнесува 170 илјади вакцинирани граѓани, што според анализите е 26 проценти од вкупно население во тие возрасни групи“, рече Филипче.

Тој смета дека можеби вакцината против коронавирусот ќе стане и сезонска и оти ќе биде потребна и трета доза за што, според него, зборуваат и голем број студии.