Рама најави нов состав на Влада за следната недела 

Албанскиот премиер Еди Рама денеска по победата на изборите на 25 април најави дека следната недела ќе го објави составот на новата влада. Тој во својот завршен говор за вториот владин мандат, посочи дека новата влада ќе има добра владејачка формација, добар координатор на парламентарната група, како и долга „резервна клупа за да се создадат можности партијата да се енергизира“.

„Имаме шампионски тим, каде има многу избори за секоја улога. Четиригодишното првенство кое започна ден по последните избори бара не само добра владејачка формација, добар претседател на пратеничката група или ефективен претседател на самата партија, туку и долга резервна клупа за да може да ја поттикне партијата, изјави премиерот, на средбата со досегашниот владин кабинет.

Рама зборуваше и за иницијативата за „Отворен Балкан“, велејќи дека воопшто не го загрижуваат контроверзи и обвинувања.

„Го заокружувам својот мандат со реализација на сите услови за интеграција и со отворање на ново поглавје, како иницијатор на „Отворен Балкан“. Контроверзноста околу „Отворен Балкан“ и ужасните обвинувања против владата и мене воопшто не ми пречат и воопшто не треба да ни пречат во третиот мандат. Има многу чад и оган, но новата влада ќе оди напред и во оваа насока, без да пропушти ниту еден ден. Уверен сум дека со владата на Косово ќе направиме многу добра работа, и покрај несогласувањето околу „Отворен Балкан“, изјави Рама.

Тој додаде дека „Отворен Балкан“ го поддржува германската влада „спротивно на она што им се кажува на луѓето во Приштина и Тирана“.