Илјадници луѓе чекаат да заминат од аеродромот во Кабул пред повлекувањето на западните војници

Евакуација од аеродромот во Кабул

Илјадници луѓе кои се обидуваат да го напуштат Авганистан продолжуваат да пристигнуваат на аеродромот во Кабул, додека војниците на САД и на сојузничките земји се обидуваат да ги завршат евакуациите до крајниот рок – 31 август. Американскиот претседател Џо Бајден рече дека секој ден станува сè поризично за американските војници на теренот и затоа рокот нема да биде продолжен.

Над 75 илјади луѓе се евакуирани досега. Сепак, многу луѓе чекаат пред аеродромот во надеж дека ќе успеат да заминат поради страв од одмазда зашто соработувале со странските сили во изминатите две децении, додека други се плашат од враќањето на строгата интерпретација на шеријатското право под талибанска власт, како што беше од 1996 до 2001 година, особено репресиите врз жените.

Фотографии на очајно бегање од Авганистан

Бајден вчера рече дека евакуацијата треба да заврши до крајниот рок, но оти тоа зависи од тоа дали „талибанците ќе продолжат да соработуваат и да им дозволат пристап до аеродромот на оние кои... ние ги транспортираме од земјата и да не ги попречуваат операциите“.

Евакуацијата се засили откако авганистанската влада падна на 15 август по блиц офанзивата на талибанците во која ја презедоа контролата врз повеќето провинции во земјата.

Талибанците изјавија дека евакуацијата на странците треба да заврши до 31 август и побара од Вашингтон да престане да ги повикува висококвалификуваните Авганистанци да ја напуштат земјата.

Талибанците ветија општа амнестија за сите кои соработувале со владата поддржана од САД. Сепак, има загрижувачки информации дека милитанти ловат новинари, како и поранешни авганистански војници и владини претставници ширум земјата.

Бајден рече дека дополнителните ризици вклучуваат напад од терористичката организација ИСИС-К, или Исламска држава – Хорасан, подружница на Исламската држава во Авганистан и „заколнат непријател“ на талибанците.